Илјадници години старото наследство на Македонија потекнува од различни култури и цивилизации, а истото започнува од времето на Неолитот, продолжува со Античко – Македонската, Римската и Византиската епоха, потоа се движи низ средновековното царство на Самуил и Отоманската ера за да се дојде до денешното современо време. Долгата историја зад себе оставила голем број на артефакти од камен, глина и метал, ракописи и градби кои ја имаат збогатено оваа земја со 4,293 археолошки локалитети, 992 цркви и манастири, повеќе од 150.000 квадратни метри фреско – живопис, преку 22,855 икони и 240 иконостаси, Архиепископски престоли и царски двери во резба, објекти од рурална (220) и урбана (379) архитектура, 47 кули, бедеми и мостови, 12 урбани и рурални ансамбли, 1000 споменици, 228 објекти со Отоманска архитектура (џамии, амами, стари чаршии и слично). goMacedonia ви овозможува да патувате во Македонското минато и да ја слушнете вистината, легендите и фактите за Александар Македонски, словенските просветители Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум Охридски, царството на Самуил и богомилското движење, борбата за слобода во Илинденското востание и многу повеќе. Историјата на Македонија е историја за човештвото и неговата непрекината борба и напори светот да стане подобро место за живеење на сите народи.